Недела, 21 Јануари 2018

За животот во верата низ призма на стравот и љубовта

Ирина Николовска

ЗА ЖИВОТОТ ВО ВЕРАТА НИЗ ПРИЗМА НА СТРАВОТ И ЉУБОВТА

Значајноста да се доближиме до оваа тема како и прашањата кои произлегуваат од истата, поаѓа од фактот што целокупниот емотивен живот на човекот се сведува на овие две чувства: чувство на љубов и на страв. Сите останати психички појави или квалитети на душевниот живот, може да кажеме дека произлегуваат од нив.

Она што ги поврзува, а во исто време ги прави толку битни за човековото живеење, е тоа што љубовта и стравот, во својата суштина, се најтесно поврзани со животот. Тоа најмногу се однесува на функциите на создавање и одржување на животот. А кој е најсилниот копнеж кај човекот, ако не копнежот за живот? Во таа смисла, љубовта го има квалитетот на создавање, креирање (како вид прокреативна енергија), додека стравот има функција на одржување на животот, преку својата заштитна улога (кој се дефинира како реакција на организмот при перципирана опасност). Накратко, преку љубовта човекот создава, вклучувајќи го и животот, додека преку стравот го заштитува животот.


Определба на љубовта

Секоја личност во себе носи силна потреба за љубов, пројавена во трите основни релации: кон Бога, кон себе и кон ближните. Човечката природа е едноставно таква, што постојано кај нас се јавуваат насушните потреби да сакаме и да бидеме сакани.

Во обидот да ја определиме љубовта како поим, состојба или чувство, не може да не кажеме дека љубовта е дефиниција сама по себе, така што не постои единствен начин на кој може да ја опфатиме во  целост. Сепак, кога зборуваме за љубовта, ние луѓето често ја поистоветуваме или ја поимаме на еден проблематичен, па дури и конфликтен начин во однос на тоа како љубовта се поима во христијанството и како таа ни е претставена од Христос[1]. [I1] [A2] Примери за тоа се кога љубовта ја поистоветуваме со чувство, со благоумна сентименталност, со влегување во улога на жртва или, пак, не повеќе од луда, романтична страст. Со цел да се избегнат таквите претстави и погрешни предзнаења, ќе бидат дадени некои обиди за определба и опис на тоа каква во суштина е љубовта.

Психологијата ја дефинира љубовта како начин на однесување (прагматична доктрина, а не само чувство), кое произлегува од потребата за создавање добри дела, надминување на гордоста (објаснета како чувство на супериорност над другите) и развивање емпатија кон ближниот (вреднување, почит и разбирање на емотивното искуство на другата личност). Определена на ваков начин, љубовта ни покажува дека нејзиниот клучен елемент е  дејствувањето (насочено кон развој). Така, личноста љуби кога излегува од својот егоизам и удобност (зона на комфор) и делува за одредено добро.

Доколку оваа суштинска функција не се извршува, ако нема што да сака, ако не може да се сака, љубовта секогаш се врти кон човекот како автодеструкција. Нереализираната љубов, пак, создава празнина која не може со ништо друго да се компензира! Во неможност да се справи со ваквите емоции личноста ги потиснува, а потиснувањето, пак, носи огромни количини страв, кој не е ни малку природен, туку е патолошки (Костовска,Т. , Чепреганов М., 2015).

Односот на Православието кон морализмот базиран на страв и вина

Денес, за жал, во Црквата владее еден дух каде православието се поима и се сведува на религија во која Бог се менува. Тука, најмногу се мисли на погрешното раширено уверување дека кога човекот е добар Бог го љуби, а кога е лош, тогаш Бог не го љуби. Како што е случајот со западното христијанство, за жал, дури и православните Христијани често Го интерпретираат Бога како некој морален деспот, Кој во својата суштина има функција да казнува и да наградува. Сепак, ние не би смееле да дозволиме православното Христијанство да го деградираме до ниво на морализам (базиран на страв и вина) и дуализам (борба меѓу доброто и злото како вид рамноправни спротивставени сили).

Градењето на ваквата слика за Бога е многу проблематично, бидејќи задира директно во суштината на христијанството и ја менува. Верата во Бога, Кој се менува и чија главна улога е да казнува и да наградува е, всушност, празна вера.

Нашиот пристап кон Црквата треба да биде како кон место каде се лекуваат нашите души и тела (онака како што православието ја претставува), а Христос е нашиот лекар.

Стравови кои се пројавуваат во религиозното живеење

Како што веќе беше наведено, стравот е природна појава која е од клучно значење за емотивниот и физичкиот живот на човекот. Истиот се определува како реакција на организмот при перципирана опасност, изразена соодветно според степенот на опасноста. Реакциите може да бидат различни – од избегнување до соочување. Невротичните стравови, пак, се оној вид стравови кои водат кон претерани реакции на нашите ум и тело, како резултат на несоодветна проценка на загрозувањето, кога опасноста помалку или повеќе се преценува или се измислува.

Постојат повеќе видови стравови. На дел од нив се базира и суштината на религиозниот живот кај некои луѓе. Дел од нив ги опишува и психологијата:

Моралниот страв е страв од совеста. Едноставно кажано, луѓето со длабоко развиено над-јас (супер его – пројавено како морален и критички судија) имаат склоност да се чувствуваат виновни кога ќе сторат, или само ќе помислат да сторат нешто што е спротивно на моралните правила според кои се воспитувани. За нив се вели дека имаат силно чувство на грижа на совест. Ваквиот страв е често застапен кај лица со ригиден вредносен систем.

Наведениот опис на овој вид страв нема тенденција да го девалвира значењето на совеста кај личноста и градењето систем на морални уверувања (како на индивидуално, така  и на колективно ниво). Секако дека е полезно личноста да се придржува до некои морални правила и норми на живеење. Не случајно тие се создадени, иако дел од нив се поврзани со културолошки и историски аспекти, кои, пак, немаат суштинско значење и оправданост за секое време и место. Кога не би постоеле, тогаш би бил критичен и самиот опстанок на човечката цивилизација. Но ова, апсолутно, не би требало да биде стожерот, ниту пак целта на христијанската вера и пракса.

Страв од правење грешки

Луѓето кои се плашат од правење грешки се личности што имаат многу високи критериуми, кон кои тешко покажуваат флексибилност. Може да ги допуштаат грешките кај другите луѓе, но не и кај себе си. Личноста тежнее кон совршенство. Тешко може да го поднесат фактот дека и тие се само луѓе: несовршени, со слабости и грешки. Затоа, подобро е од себе да се престане да се очекува совршено однесување и своите постапки да се прифатат такви какви што се. Исто така, парадоксално, но вистинито, е дека: прифаќањето е секогаш првиот чекор кон промената.

Стравот од одбивање[2] е есенцијално присутен кај мнозинството од луѓето, како еден од најдлабоките човекови стравови. Уште во времето на племенските заедници, исфрлањето од групата, во која луѓето чувствувале безбедност и припаѓање, било еднакво со смртна закана. Всушност, зад сите видови стравови стои стравот од смрт. Една од причините, поради која овој вид страв е длабоко вкоренет кај луѓето, е и тоа што во периодот на раното детство, доколку детето е отфрлено и лишено од грижата, љубовта и прифаќањето на ближните, сериозно се загрозени неговиот живот, безбедност и добросостојба. Затоа, не е ни чудно што многумина од нас сакаат да се „вклопат“ во средината, понекогаш и по превисока цена.

Како стравот нè спречува во процесот на духовниот развој?

Стравот најчесто нè сопнува уште на првите чекори на духовниот пат, а тоа е процесот на самоспознанието (да се видиме „онакви какви што сме“). Самоспознанието, од друга страна, е предуслов за познанието и покајанието. Стравот нѐ оддалечува од самите нас, нѐ спречува да се запознаеме вистински, за потоа да работиме на себе и да се развиваме. Ако личноста се плаши дека ќе биде казнета поради тоа што е, односно поради автентичното јас, тогаш дали би поитала да се спознае самата себе, или уште повеќе, да биде видена од Бога, Кој казнува и Кому треба да Му се удоволи (и згора на сè, од Кого ништо не може да се сокрие)? Секако дека не би сакала, или, во најмала мера ќе се спречува себеси во процесот на себеспознавање и промена.


Чекори кон промена

Како всушност ќе имаме правилен третман (преобразба) ако нема првично правилна „дијагностика“? Дури и во психотерапијата првиот чекор за промена е признавањето дека имаме некаков проблем, а вториот чекор е да престанеме да ги обвинуваме другите, да престанеме да зависиме од другите, за да ја направиме промената и да најдеме смисла во сето тоа. Во процесот на соочување со себе (кој му претходи на покајанието), неопходно е раководство од духовник кој е поискусен од нас.

Самоспознанието е предуслов на познанието и покајанието. Човекот треба да ја шири својата свесност за тоа на каков систем на вредности и критериуми се потпира и на кој начин ги прави своите избори.  За тоа е потребно  активно да ги вклучиме умот и срцето и да ги преиспитуваме воспоставните внатрешни и надворешни критериуми. Можеби ќе биде потребно повторно да ги изградиме или постојано да ги коригираме. Овој процес секако не е лесен; потребни се: интроспекција, енергија, посветеност и усилби на сите нивоа на функционирање (физичко, мисловно и емотивно). Но, без вложување, на ниту едно поле не би можеле да имаме резултати, ниту би имале осмислено и исполнето живеење.

Во овој случај, не може да не ни се наметне прашањето: зошто ваквиот начин на однесување е исполнет со усилби, а истовремено е и конструктивен? И зошто стравот, како и страстите, толку природно и лесно се пројавуваат и на ниво на свесност и на ниво на несвесност, а се деструктивни?

На ова прашење можеме да го добиеме одговорот преку светоотечкото искуство, врз основа на кое поделбата на степените на духовниот раст се определини како: очистување, просветлување и обожение. Светите отци, поучени од својот опит, фазите во кои може да се наоѓа човекот ги определиле и како: противприроден, природен и натприроден  начин на живеење.

Преобразбата во процесот на третман на невротичните стравови

Ние не можеме да ги уништиме емоциите, ниту пак да ги потиснуваме до бескрај. Поради тоа, мораме да научиме да ги преобразуваме. Третманот на последиците од стравот може да се спореди со процесот на преобразба на страсната желба. Наместо да биде задоволена или потисната, потребата или емоцијата се преобразува.

Интересно е тоа што и задоволувањето и незадоволувањето на страста[3] води кон невроза (внатрешна нерешена тензија во чија основа лежи страв). Доколку останеме само во процесот на задоволување на страста (што носи регрес во развојот, како и јавување на чувство на вина) или незадоволување на страсната желба (непријатност и насобирање тензија поради незадоволство), тогаш остануваме во еден болен, постојан наизменичен процес на преминување од една во друга непријатна состојба.

Секако, овој процес започнува од нас самите и од самоприфаќањето. Личниот развој не е возможен без личноста да излезе од својата комфорна зона и да вложи труд за да расте и да се развива. Исто така,  значајно е да разбереме  дека процесот на духовниот развој не е стигнување до една состојба еднаш засекогаш, туку е доживотен и  индивидуален. Личноста на тој пат никогаш не е сама, туку секогаш покрај себе е потребно да има духовник кој е поискусен од неа и кој негува личносен пристап кон луѓето.



[1] „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; возљуби го својот ближен како себеси“ (Мт. 22, 37 и 39).
[2] Страв дека ќе бидеме отфрлени, понижени, несакани од  ближните, од Бога и од средината.
[3] Определена како потреба која не води кон развој на личноста, односно човечка енергија која е насочена обратно од нејзината намена и цел.



Share