Четврток, 29 Јуни 2017

Нe го убивајте гласникот

Јеромонах Атанасиј Арсоски

 

НЕ ГО УБИВАЈТЕ ГЛАСНИКОТ

 

Музиката, како и секоја друга гранка од уметноста, има големо влијание врз човекот. Зборот „музика“ потекнува од грчкиот „μουσική“, кој, пак, произлегува од „муза“ (μούσα) – божества од античката грчка митологија. Се сметало дека музите се главните фактори за уметничкото творење на луѓето. Затоа, под музика се подразбирала целокупната уметност. Подоцна, значењето на овој термин е стеснето, и означува комбинација на звуци, проследени со ритам. Во оваа комбинација има простор и за зборови (песна).

Постојат различни видови музика и сите тие влијаат на човечката личност. Истовремено, видот на музички стил и на песна му одговара на изградениот карактер на личноста. Согласно ставот кон животот на човекот, се вклопува и видот на музиката и песната што му се допаѓа. Во детската и младинската возраст музиката може да одигра значајно влијание при формирањето на личноста. Меѓутоа, не можат да се одвојат начинот и стилот на живот од видот на музиката. Различните видови музика можат да влијаат: охрабрувачки, стимулативно, депресивно, љубовно, мирољубиво, воинствено, восхитувачки итн.

Намерата на овој текст не е стручна анализа на музичките правци, ниту психолошкото дејство на музиката. Таа тема им припаѓа на соодветните експерти од тие области. Тука ќе се задржиме на мислењето, што произлегува од одредени црковни кругови, дека рок и метал музиката претставуваат израз на сатанистичкиот култ. Овој став е сериозно обвинување. Аргументите за ваквото мислење обично се базираат врз музичкиот стил, содржината на текстот и кореографијата.

Рок музиката почнува да се истакнува во втората половина на 20 век. Нејзината појава била своевидна револуција на тоа време. За првпат се појавува во Америка и претставува комбинација на блуз, џез, фолклорна музика, кантри музика и црковна музика. Набргу се проширува и се развива до висок степен во Велика Британија, а оттаму и на европскиот континент. Може да се каже дека рок музиката извршила огромно влијание врз  популацијата во историјата на човештвото и на музиката. Бројните критичари се разликуваат во однос на позитивното и негативното влијание. Причината за тревога во јавноста била не само појавата на рок музиката, туку и целокупното движење што истата го покренала. За да се процени влијанието на рок движењето, треба да се земат предвид околностите во кои живеел светот тогаш, но и до тогаш. Војните биле редовна и речиси нормална појава, и покрај апсурдноста и деструктивноста, кои биле безброј пати докажани низ историјата. Меѓутоа, светските моќници никогаш не можеле и не можат да замислат да бидат и да останат такви без војни. Затоа, сѐ до втората половина на минатиот век не постоел сериозен отпор против лудилото на масовното меѓусебно убивање. Сѐ се сведувало на спорадични изрази на отпор, обично манифестирани преку одредени философи, поети, уметници. Но, со нив лесно се справувале, така што ги маргинализирале со помош на разни клевети и суптилни или директни омаловажувања на нивните личности и на нивните дела.

Војната не никнува без корен. Пред почетокот на тоа општо лудило секогаш претходат интензивирани валкани, нечесни, егоистички и демоноинспирирани меѓусебни односи. Нивни карактеристики се: лагата, манипулацијата, инсистирање за слепо и безусловно потчинување на утврдените деструктивни вредности, кои, за жал, се прикажани во форма на висок морал. Рок музиката уште од самиот почеток навестува дека ќе постави силна линија на отпор против постоечкиот деструктивен систем на вредности. Многу песни се базирани на библиски теми, на социјални проблеми, на пропагирање на мирот преку разобличување на сите причини што доведуваат до меѓусебни судири со катастрофални последици. Токму затоа слушањето на рок музиката, спонтано, добило форма на еден вид движење на бунт против човечките аномалии.

Покрај, за светот веќе вообичаените музички теми за емотивните односи помеѓу маж и жена, во рок музиката почнуваат да се истакнуваат и прашања од егзистенцијално посуштински карактер. Во голема мера се проблематизира смислата на војната. Затоа, пропагирањето на мирот е еден од фундаментите на рок движењето. Таквата реакција била особено мотивирана од соочувањето со апсурдноста на војната во Виетнам (1965 – 1973). Значи, кратко време по катастрофалната Втора светска војна, јавноста гледа дека ни од далеку не му се гледа крајот на масовните оружени конфликти. Продукт на тоа е и хитот на Џон Ленон[1], од 1969 година: „Give peace a chance” (Да му се даде шанса на мирот). Очекувана била појавата на револт кон мирољубивото движење, кое добило светски размери. Оние, на кои не им одговара отсуството на војна, не задоцниле со обидот за дискредитирање на ваквата насока на рок музиката. Сфатиле дека најдобар начин за борба е омаловажувањето и клеветата. Тргнувајќи од таа намера, ги употребиле сите можни „аргументи“, помеѓу кои и етикетата за членовите на The Beatles дека се приврзаници на хиндуистичка секта и дека влијаат психоделично врз младата популација. Ова им било од особена важност заради придобивање на христијаните, затоа што биле свесни за нераскинливата поврзаност на христијанството и миротворството. Но, и покрај тоа, не успеале да го задушат бунтот против свесните неправди што се случуваат на светската политичка сцена.

Тие неправди се продуцирани од крајно лошите меѓучовечки односи. А, во атмосфера на духовна дезориентираност, односите помеѓу луѓето не можат да бидат поинакви. Затоа е потребно да се открие коренот на проблемот, да се влезе во сржта, па за да може да се здогледа решението. Сепак, бунтот против нехуманоста и против воените дејствија што го пројавило гореспомнатото рок движење се задржува само на социјално ниво. Секако дека и тоа има одреден ефект, но не може да предизвика посилен удар, кој би резултирал со сериозно размислување и преиспитување кај секој човек поединечно. Во истиот период на површина излегува еден друг рок правец, кој ќе даде своевиден придонес во врска со општите човечки проблеми.

Со појавата на пожестокиот рок правец, наречен „хеви метал“[2], веќе почнуваат да се допираат базичните егзистенцијални теми, кои  всушност претставуваат прашања „за смрт или живот“. Во нив спаѓаат следниве теми: смисла на животот, сеќавање на смртта,  љубов и омраза, Божјото присуство, дејството и влијанието на ѓаволот во нашите животи, начинот за надминување на бесмислените стереотипи на живеење итн. Овој жанр од рок музиката се одликува со засилен звук на гитарите, и препознатлив е по жестокиот ритам. Бендовите се составени од гитаристи, басист, тапанар и пејач. Меѓутоа, главна карактеристика на хеви метал правецот не е засилениот звук на гитарите и тапаните, туку смислата и пораката на текстот од песната. Интензитетот на звукот и на ритамот на мелодијата кореспондира со важноста на пораката што треба да се пренесе.  Затоа треба особено внимание да се обрне врз содржината на текстот. А што се однесува до видот на музиката што им се допаѓа на луѓето, тоа сепак претставува избор според вкусот. И во останатите музички правци среќаваме музика со интензивна јачина и жестина. Но, прашањето е: дали и каква порака има во сето тоа?

Нападите и обвинувањата кон хеви метал правецот за промовирање на сатанизам се испровоцирани делумно од непознавање, а најчесто од површно и недоволно разбирање на содржината на песните. Не е во ред врз основа на предрасуди да носиме генерална осуда. Едно од основните евангелски начела е: Не судете, за да не бидете судени[3]. Бог делува на разновидни и таинствени начини, познавајќи го срцето на секој човек. Процесот и манифестацијата на богобарателство се невидливи за очите на другите, а неретко се незабележливи и за самата личност, чие срце трага по откривање на смислата на животот. Така, и содржината на одредени песни од некои рок и метал бендови претставува еден вид на егзистенцијална потрага. Истиот копнеж по Изворот на животот може да се сретне кај сите категории на луѓе, без разлика со што се занимаваат во својот живот. Во овој текст се ограничуваме само на една категорија, од причина што веќе постои негативна предрасуда, но и осуда кон неа за богоборство. Од многувековниот опит на светите отци сме научени да го отвараме срцето за целиот свет, и никого да не отфрламе, а особено не поради предрасуда. Нивните пораки до нас ни се критериум за живеење, бидејќи не треба да се угледуваме на злото, туку на доброто[4].

Не треба да го игнорираме и фактот дека постојат повеќе видови на метал – музика, помеѓу кои спаѓа и black metal[5], во кој, навистина, во голема мера има антихристијанска и просатанистичка содржина. Но, тоа е само еден мал дел, кој никако не може да биде репрезент на целокупниот музички жанр. Особено, пак, не може во истиот кош да бидат сместени светски познатите, сериозни и исклучително креативни метал - бендови. Во продолжение ќе прикажам дел од содржината на текстовите на овие бендови.

 

Проблемот на војните

 

Во контекст на веќе спомнатиот револт кон војните, кај хеви метал бендовите тој бунт е многу подлабок и поинтензивен. Не се работи само за едноставен протест, туку ударот се нанесува во коренот на лудилото и без никакви резерви се истакнува целата вистина. Ова е особено видливо во песната War pigs (Свињи на војната) од бендот Black Sabbath[6], каде проблемот на војната се издигнува од социјално на онтолошко ниво: Генералите се собираат во своите маси, токму како вештерките на црните миси. Зли умови што кројат разорување, волшебници на смртна конструкција...Политичарите се кријат и само ја почнуваат војната. Зошто тие не одат да се борат? Таа улога им ја препуштаат на сиромашните. Времето ќе ги покаже нивните моќни умови, кои прават војна само за забава. Чекај, ќе им дојде судниот ден!...Божјата рака го најави денот на Судот и Бог повикува. Свињите на војната на колена преколнуваат, барајќи милост за своите гревови, а сатаната се смее, ширејќи ги своите крилја. Во овој извадок од песната гледаме дека конструкторите на војната не се само злосторници кои би одговарале пред човечките судови, туку тие се кукавици и суштински одговорни за масовна деструкција на многу личности, а пред сѐ на своите. Токму поради тоа се потсетува на Божјото присуство и дејство во историјата и дека, на крајот од краиштата, животот не зависи од нас, туку од Него. А што е уште поважно, преку овие стихови се потенцира вечниот живот, чиј квалитет зависи од нашата состојба што си ја креираме самите. Бог е Оној Кој само го потврдува нашиот избор: дали сме се одлучиле за живот или за смрт.

Оваа тема, од различни аспекти, ја обработуваат и други бендови. Metallica[7], преку песната Disposable heroes (Херои за еднократна употреба), ја нагласува катастрофалната вистина дека војниците не се сметаат за конкретни и неповторливи личности, туку се третираат како средства за постигнување на цел. Штом едно од тие средства ќе биде уништено, тогаш на негово место доаѓа друго. За жал, оние кои ги водат војните како да не прават разлика помеѓу оружјето и личноста која го носи, туку само ги интересира да ги има во доволен број на фронтот. Iron Maiden[8] во албумот A Matter of Life and Death[9] ја обработува проблематиката на војните, допирајќи го и едно од најголемите лудила и безумија, а тоа е т.н. света војна, односно војна чиј повод и цел се базираат врз религиска припадност. Преку  реторичко прашање се констатира лицемерието како основен показател, но и причина за оваа бесмисла: Дали си човек на мирот или човек на света војна? Толку многу варијанти има од тебе, така што веќе не знам која е вистинската[10]. Преку заговарањето на војна во име на религијата, всушност, се врши едно од најголемите злоставувања врз човечката душа. За да дојде до моментот некој да почне да убива во тоа име, неопходно е претходно да биде уверен во фактот дека тоа ќе му подари вечен живот во мир и спокој! А доколку не отиде до таму работата, тогаш доволно е дури и само кога религиската припадност се глорифицира до потребниот степен, на кој човек веќе е подготвен да застане во оружена „одбрана“ на неговите религиски истомисленици. Во тој контекст, Megadeth[11] констатира и прашува: Брат ќе убие брат, се пролева крв по земјата. Убивање за религија е нешто што јас не го разбирам. Прашај ги овците за нивните верувања: дали вие убивате по Божја команда?[12].

Опасноста од нуклеарна војна е сѐ поинтензивна во текот целата втора половина на 20 век, а ризикот од неа и од катастрофалните последици што би се произвеле е актуелен и денес. Членовите на бендот Black Sabbath опоменуваат на оваа опасност и, на крајот, есхатолошки ги резимираат последиците во песната Electric funeral (Електричен погреб): Блесоци на небото претвараат куќи во кочини, а луѓето ги претвараат во глина... Згради се уриваат, земјината кора пука, а реките се претвараат во крв. Земјата лежи на смртна постела... Натприродниот Цар ја става земјата под Свое крило. Небесните златни хорови пеат, а ангелите на пеколот мавтаат со своите крилја. Злите души паѓаат во пеколот, засекогаш во стапицата на ќелиите кои горат!

Свој придонес во револтот кон војните имаат и други бендови, помеѓу кои се: Deep Purple[13] со песната Child in time (Поколенија) и Guns N’ Roses[14] со песната Civil war (Граѓанска војна).

 

Богоборство или богобарателство?

Најголемата негативна критика кон метал–бендовите е филувана со обвинението дека тие, речиси, се предводници на една просатанистичка кампања. И за тоа не се обвинети само оние кои навистина тоа го прават, туку дури и овие бендови за кои стана збор до сега. За да се отфрли ова обвинение можеби би било доволно и само она што погоре беше изложено за нивниот став во однос на војните, бидејќи во него веќе се препознава погледот вперен кон Бога. Меѓутоа, тоа е само еден дел, затоа што кај овие бендови среќаваме богат материјал, исполнет со барање на Бога, што всушност и ја покажува потрагата по вистинската смисла на нашето постоење. Тие тоа не го прават секогаш на директен начин, иако има и такви примери. Сепак, треба да сфатиме дека не станува збор за црковни проповедници, туку за музичари кои се трудат да навлезат во длабочината на човечкото постоење. Проблемот кај критичарите веројатно настанува кога во песните ќе слушнат за ѓавол, смрт, пекол, уништување, зло итн. Поради тоа е распространето мислењето дека во метал – музичкиот правец се обработуваат мрачни теми. Тие т.н. мрачни теми му пречат на секој комформист и хедонист; му пречат на секој кој живее во илузија дека нема да умре, па затоа секојдневно се дозира со „наркотикот“ наречен неразмислување за смртта. И тогаш е нормално овие теми да изгледаат мрачни, бидејќи се во функција на отрезнување од комодитетот на таа наркотична состојба. По отрезнувањето би следела и детоксификација, што би претставувало почетна точка за градење на здрава личност, која реално ќе се соочува со егзистенцијалните предизвици. Но, тешка е таа борба со себе, односно со сопствената помраченост, предизвикана од нездравото и безумно себељубие. Во продолжение ќе видиме некои од тие „мрачни теми“ на познатите метал – бендови.

 

 

 

Бендот Black Sabbath е обвинет дека, по стапките на Фридрих Ниче, објавува дека Бог е мртов. Меѓутоа, ова може да го каже само некој што не обрнал воопшто внимание на текстот од истоимената песна. Пред сѐ, насловот на песната претставува прашална реченица: God is dead? (Дали Бог е мртов?). Во песната станува збор за жестока внатрешна борба на еден човек: Загубен во темнината, бледеам од светлината. Верата на мојот татко, брат, мојот Создател, мојот Спасител ми помага да ја поминам ноќта...Гласови одѕвонуваат во мојата глава „дали е Бог жив или мртов?“...Реки од зло течат низ земјата што умира...Кому му веруваш кога корупцијата и похотата, верата на сите неправедни, ќе те остават празен и нецелосен? Кога овој кошмар ќе заврши? Сака ли некој да ми  даде одговор дали е Бог мртов?... Не верувам дека Бог е мртов... Овие извадоци се доволни за да се сфати за што станува збор. И, што е најважно, песната не останува само во форма на прашање, туку на крајот дава конкретен одговор: не верувам дека Бог е мртов!

Ќе наведам уште две песни од истоимениот англиски бенд. Првата, со наслов The devil cried (Ѓаволот заплака) претставува ретка музичка интерпретација од овој вид, каде е прикажан начинот како да се совлада ѓаволот. Секогаш кога му угодуваме, ние успеваме да го израдуваме. Но, авторот на песната бара начин како да го натера ѓаволот да заплаче, бидејќи тоа всушност значи и негов пораз. Станува збор за човек во пеколот, кој во еден момент зема храброст да ја поведе борбата со цел ѓаволот да заплаче, знаејќи дека тоа ќе биде од пресудно значење: Јас можам да ја добијам оваа игра доколку сите работи се поклопат...Нема да бидам паметен, туку бистар...Знам дека јас ќе бидам тој што ќе го натера ѓаволот да заплаче. Конечно дојде и мојот момент и не смеам да му овозможам задоволство на ѓаволот...Почнав да му зборувам за мојата болка и за животот што го живеев, а тој само се насмевна и почна силно да се смее. Тогаш, јас му реков дека го љубам, а ѓаволот заплака. Солзи од неговите очи...и ѓаволот заплака. Навистина одлично е доловена суштината. Изворот на сета ѓаволска злоба лежи во неговата голема гордост. Поради тоа, тој е полн со омраза кон Бога и кон сѐ она што Бог го љуби. Затоа се радувал и се смеел додека слушал за болката и тешкиот живот на овој човек. Единствениот начин да се ослободиме од канџите на сатанската гордост е љубовта, чија основа е смирението. Токму поради тоа, зборовите на љубов што ги слушнал од човекот за него претставуваат огнени стрели, кои му ја одземаат силата. Гледајќи го ѓаволот беспомошен, човекот се ослободува од неговото ропство и Му се фрла на Бога во прегратка. А за сето тоа е потребно само да се изрази љубов.

А другата песна, (After forever), нема потреба од дополнително објаснување на содржината: Дали некогаш помислуваш за твојата душа – дали може да биде спасена? Или можеби мислиш дека кога си мртов ти само си остануваш во гробот. Дали е Бог само мисла во твојата глава или Тој е дел од тебе? Дали е Христос само име што си го прочитал во книга кога си бил на училиште? Дали кога размислуваш за смртта остануваш без здив или си прибран? Би сакал ли да го видиш папата на крајот од јажето – дали мислиш дека тој е будала? Јас ја видов вистината, да, јас ја видов светлината и се променив. И јас ќе бидам подготвен кога ти ќе бидеш осамен и уплашен, кога ќе му дојде крајот на твоите денови. Можно ли е да се плашиш што би можеле да речат твоите пријатели кога би знаеле дека ти веруваш во Бога? Пред да критикуваат, тие би требало да сфатат дека Бог е единствениот начин за да се има љубов. Дали твојот ум е толку малечок, па мораш да го следиш чопорот каде и да трча? Дали со подигрување ќе се смешкаш и кога ќе се приближи смртта и дали ќе кажуваш дека, исто така, можеш да му се поклонуваш и на сонцето? Мислам дека е вистина дека луѓе како тебе Го распнале Христос. Мислам дека е тажно тоа што вашето мислење било единствено кое се слушнало. Дали ќе бидеш толку сигурен кога ќе дојде твоето време, и дали ќе кажеш дека не веруваш? Си имал шанса, но си ја одбил и сега не можеш да добиеш повторно. Можеби ќе размислиш пред да кажеш дека Бог е мртов и дека Го нема. Отвори ги очите, и само сфати дека Тој е Оној еден и единствен Кој може да те спаси од сиот тој грев и од сета таа омраза. Или и понатаму ќе се исмејуваш со сѐ што ќе чуеш? Да! Мислам дека е предоцна.

Бендот Iron Maiden, покрај веќе спомнатиот албум поврзан со проблематиката на војните, има широк опус на творештво со длабоки теми од различни аспекти на човечкиот живот. Помеѓу нив спаѓаат и оние во врска со смислата на животот. Сеќавањето за смртта е една од најголемите мудрости и добродетели. Според опитот и советот на светите отци на Црквата, сеќавањето за смртта нѐ прави реални и трезвени луѓе, и во голема мера го намалува ризикот од тежок грев против љубовта кон Бога и кон другите луѓе. Песната Dance of death (Танц на смртта) претставува своевиден поттик кон слушателите токму во правец на сеќавање за смртта, што би претставувало и подготовка за тој момент: Кога знаеш дека ти дошло времето, знаеш дека ќе бидеш подготвен за тоа. Поздрави се за последен пат со сите, наздрави и помоли се за тоа.

Човекот во тек на својот живот многу лесно може, опиен од сопствните страсти, да ја заборави смислата на постоењето и да не Го препознае својот Создател и Татко. Меѓутоа, соочувањето со смртта е последен клучен период или момент, во кој срцето може да направи пресврт. Тоа е можно кај човек што не гледа површно на реалноста на животот, туку длабоко во своето битие ја бара вистината. Ваквиот внатрешен процес е опишан во песната Hallowed be Thy name (Да се свети името Твое)  од Iron Maiden: Чекам во мојата  студена ќелија кога ѕвоното почна да ѕвони, рефлектирајќи го мојот изминат живот, но не останува многу време, зашто во 5 часот ќе ме одведат на бесилка... Кога свештеникот дојде да ми ја прочита последната молитва, јас фрлив поглед низ решетките кон последниот призор на светот што многу згрешил кон мене. Можеби е ова некаква грешка, а тешко ќе се сопре злото што владее. Дали е ова навистина крај, а не некој луд сон? Молам, некој нека ми каже дека сонувам, не е така лесно да запрам да врискам. Солзи ми течат, но зошто јас плачам? После сѐ, јас не се плашам да умрам. Зарем не верувам дека не постои крај? Додека стражарите ме водеа надвор, некој извика од ќелијата „Господ да биде со тебе“. Ако постои Бог, тогаш зошто ме пушта да умрам? Во оваа претсмртна агонија, додека го очекува извршувањето на смртната пресуда, се одигрува тешка, сеопфатна и исклучително продуктивна борба. Целта на таа борба е пронаоѓањето на смислата на животот, преку изразување на сомнежи, дилеми и прашања поврзани со тоа. Очигледно, претставен е лик кој во текот на животот бил прилично резервиран во однос на верата во Бога. Меѓутоа, Бог ни дава шанси до последен момент. Во продолжение следи разврската на агонијата: Како што се движам, цел живот ми се исцртува пред мене. И ако е блиску крајот, не ми е жал. Земи ми ја душата, бидејќи е подготвена да одлета. Забележете ми ги зборовите дека мојата душа ќе живее. Ве молам, не грижете се што сега заминувам; јас отидов да ја најдам вистината. Кога знаеш дека ти дошло времето, можеби тогаш ќе почнеш да сфаќаш дека животот е чудна илузија. По ова следи инструментален дел, што всушност претставува израз на патот кон финалната определба на овој човек. И на крајот, по сите овие размислувања, дилеми и негодувања, следи извикот кон Бога: Да се свети името Твое.

 

Заклучок

Од ова резимирано изложување на содржината на одредени текстови од песните на рок и метал бендовите се гледа дека не би можело да биде одржливо обвинувањето за просатанистичка дејност. Поради ограничениот простор, во текстов не се прикажани и други содржини кои би го потврдиле истото. Изразувајќи ја длабоката егзистенцијална потрага по смислата на животот, овој музички правец со својата содржина може многу да му помогне на современиот конфузен и максимално збунет млад човек. Истовремено, сета таа содржина претставува и израз на сите кои ја сфатиле бесмисленоста на „вредностите“ според кои денес живее светот. За жал, стравот од соочување со вистината продуцира и промовира музика и песни, чија содржина е, во најдобар случај, наркотик за избегнување на важните егзистенцијални прашања. А ако погледнеме подетално, кај други музички правци ќе забележиме содржини со директен поттик за различни видови неморал и духовна дезориентација. Споредувајќи ја содржината на песните, може да се заклучи кој правец промовира сатанизам. Во нив се промовираат како достигнување: блудот, прељубата, љубомората, прекумерната употреба на алкохол и сл.

Што се однесува до обвинувањето за злоупотреба на дрога кај рок и метал бендовите и нивните слушатели, доволно е само да се каже дека нема категорија на луѓе во која не е присутна таа појава. За злоупотреба на наркотици не се пресудни професијата и хобито, па затоа се среќава кај луѓе што се занимаваат со разни дејности. Ставот на сериозните хеви метал бендови по ова прашање највпечатливо е изразен преку песната Master of puppets (Господар на кукли) од Metallica. Преку интензитетот на музиката, низ сурово реалниот текст, се пренесува бескомпромисна порака против злоупотреба на хероин.

Кореографијата кај хеви метал бендовите е многу посложена отколку кај рок бендовите. Таа сложеност произлегува од содржината на пораката што секој албум има за цел да ѝ ја пренесе на јавноста. И во врска со ова се кршат копја, бидејќи многумина забележуваат вид на сатанистички маркетинг во кореографијата и во дизајнот. Меѓутоа, само неупатени во основите на сатанизмот можат да изречат обвинение од ваков тип. Сатанизмот е нешто сосема друго во однос на сѐ: цел, ритуали, музика, симболи, движења итн. Кореографијата на сериозните и светски признати метал бендови е во корелација со содржината на песните, за што веќе стана збор тука. Животот мора да се прикаже и да се сфати реално, ако сакаме да го сфатиме и да го живееме сериозно. Секое фантазирање води во пропаст. Во таквото соочување со животната реалност неизбежно е спомнувањето на смртта, на ѓаволот и на деструкцијата што човекот сам на себе си ја прави.

„Кој има уши да слуша, нека чуе“! (Лк. 8, 15)

 

 

 

 

 

 

 

 

 



[1] Фронтмен на The Beatles, кој е еден од водечките британски и светски рок бендови од тоа време (1960 – 1970).

[2] Heavy metal – тежок метал.

[3] Мт. 7, 1.

[4] 3. Јн. 1, 11.

[5] Black metal – црн метал. Овој вид на метал – музика најмногу е присутен во скандинавските земји.

[6] Black Sabbath е англиски хеви метал бенд, формиран во 1969 година во градот Бирмингам. Според интнзитетот на музиката и на ритамот можеби спаѓа во хард рок жанрот, но сепак овој бенд се смета за основател на хеви метал правецот токму поради содржината на текстовите од нивните песни.

[7] Американски хеви метал бенд, формиран во 1981 година.

[8] Англиски хеви метал бенд, формиран во 1975 година.

[9] „Прашање на живот и смрт“.

[10] Извадок од песната For the greater good of God од спомнатиот албум на Iron Maiden.

[11] Американски хеви метал бенд, формиран во 1983 година.

[12] Иввадок од песната „Holy wars“ (Свети војни) на бендот Megadeth.

[13] Англиски хард рок бенд, формиран во 1967 година.

[14] Американски хард рок бенд, формиран во 1985 година.

Share