Петок, 18 Август 2017

Патувањето на мудреците

Марија Гиревска


Патувањето на мудреците

 

Вовед

 

Т. С. Елиот (1888–1965)

Врските меѓу книжевното творештво од западната културна традиција и библиските текстови на Стариот и на Новиот завет не се површни, ниту, пак, маргинални. Без познавање на Светото писмо, невозможно е да се толкува творештвото на значајни автори од светската книжевност, како што се Џон Дан (John Donne), Џон Милтон (John Milton), Вилијам Блејк (William Blake), Оскар Вајлд (Oscar Wilde), М.Р. Џејмс (M.R. James), Ф.М. Достоевски (Ф.М. Достоéвский), Л.Н. Толстој (Л. Н. Толстóй), Франц Кафка (Franz Kafka), Т.С. Елиот (T.S. Eliot), Езра Паунд (Ezra Pound), Џејмс Џојс (James Joyce), на пример, но и на многумина други писатели. Во таа смисла говореше и Т. С. Елиот во Белешки кон дефиницијата на културата (1949). Корените на европската уметност и книжевност се наоѓаат во христијанската вера. Реалноста на таа книжевност и уметност извира од наследството на христијанската култура и нејзиното значење зависи од таа култура. „Ако човек сака да остане дел од западната цивилизација, човек треба да биде христијанин“, порачуваше Т.С. Елиот. На одреден начин, поетите и книжевниците со своето творештво постојано го возобновуваат традиционалното поимање на библискиот текст и со неговото актуализирање во своите книжевни дела го потврдуваат неисцрпното богатство на Библијата. Во таа смисла, одредени примери од книжевната традиција претставуваат еден вид пишување како континуитет на библиските пораки од Светото писмо.



Пишувањето како континуитет

 

Овде ќе се обидеме да го погледнеме одблизу ракописот на еден од најзначајните модерни поети, Нобеловецот Томас Стерн Елиот (1888–1965), да ги поврземе фрагментите во една целина, со цел да се возобнови првобитното единство и да се декодира актуелното значење на текстот од овој автор. Во оваа потрага ќе го бараме „текстот зад текстот“, песната зад песната, пораката зад пораката, речта зад речта, значењето зад значењето.

Местата во книжевниот текст кои се предмет на толкување се идентификуваат како необични, чудни, противречни, дури и неумесни – атопични места (ἄτοπος). Уметничкото дело, според Гадамер, „е израз на вистината која не може да се редуцира на она што творецот го има како намера“ (Гадамер, 2003, стр. 29). Секое уметничко дело е подлежно на толкување, а неговата естетска вредност произлегува од неговата способност да го пренесе значењето, т.е. вистината. „Сè е симбол“, велеше Гете, па оттука сè посочува кон нешто друго (Гадамер, op. cit., стр. 36), односно, сè е посредно или непосредно укажување на нешто друго. Местотото на контакт на еден текст со друг е местото на дијалог на текстовите – писмо во кое едниот го чита другиот. Во тој контекст, да погледнеме како Т. С. Елиот го чита Светото писмо на Новиот завет, како ги толкува стиховите на Евангелистот Матеј и како влегува во процес на пишување како континуитет, како одговор и како повторно пишување.

 

Библиските референци во „Патување на мудреците“ од Т. С. Елиот

Томас Стерн Елиот ја напишал песната „Патување на мудреците“ („The Journey Of The Magi“) во дваесетите години од минатиот век – период што се нарекува англиски модернизам. Песната е напишана во 1927 година, истата година кога Елиот ја прима светата тајна крштение во Англиканската црква, а излегува во печат три години подоцна во збирката Ариелови песни. Може да се рече дека таа е првата „христијанска“ песна напишана со директни референци кон Светото писмо на Новиот завет.

Иако е роден во Бостон, Елиот доаѓа во Англија во 1914 година и денес неговата поезија е застапена како во англиските, така и во американските антологии. Елиот е најзначајниот поет на дваесеттиот век, кој со своето поетско творештво и своите критичко-теоретски напори даде голем придонес во создавањето на модерниот сензибилитет во англиската книжевност.

Овој Нобеловец е најпознат по поемата Пуста земја (1922): „Седев и плачев крај водите на Леман“ (Елиот, 2003, стр. 64), меѓутоа и по песните „Љубовната песна на Џ. Алфред Пруфрок“ (1915, 1917): „Ќе има време, ќе има време/ Лице да спремиш за сите што ги среќаваш лица/ И време за дела и тегобни деној“ (Елиот, 2003, стр. 8); „Шупливи луѓе“ (1925): „Меѓу идејата/ И стварноста/ Меѓу двигот/ И чинот/ Паѓа Сенката/ Оти Твое е Царството“ (Елиот, 2003, стр. 81); „Чиста среда“ (1930): „Поучи нè да се грижиме и да не се грижиме/ Поучи нè да седиме мадро“ (Елиот, 2003, стр. 86).

За него се вели дека во почетните години на неговиот прв брак ги посетувал црквите и катедралите заради нивната раскошна убавина, меѓутоа во подоцнежните години, особено во последните 25 години од неговиот живот тој ги посетувал секојдневно заради мир, контемплација и духовно обновување и освежување (обожување). Според размислувањата на Елиот, верата е единственото решение за кризата на модерното живеење, а христијанството е единствениот пат за западниот човек. Како резултат на овие подоцнежни размислувања, Библијата станува сеприсутна во поезијата на овој значаен поет.

Песната „Патување на мудреците“ се повикува на Евангелието според Матеј во кое се говори за мудреците од Исток, за кои си спомнуваме на Бадник, кои доаѓаат пред Младенецот да Му се поклонат и да Му принесат дарови: злато, ливан и смирна (Мт 2: 11). Усната традиција, тргнувајќи од идејата за трите дарови што Му се принесуваат на Младенецот, говори за тројца мудреци, иако библискиот текст не дава таква непосредна подробност. Таа подробност не ја појаснува ниту Елиот во својата песна, меѓутоа со цел непосредно да му се обрати на читателот, во песната се јавува раскажувач, кој раскажува од гледна точка на еден од мудреците, наречени „маги“. Мудреците или магите, според усното предание, се верува дека го следеле персискиот учител Зороастер, па оттука се даваат претпоставки дека можеби припаѓале на свештеничката каста на зороастеријанизмот. Меѓутоа, во подоцнежната христијанска традиција, под влијание на библиското толкување во кое се вели, „царевите на Тарсис и островјаните дарови нека му принесуваат; и царевите на Сава и од Сева дарови нека му донесуваат“ (Пс 71: 10) и на стиховите на Исаија: „И народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите – кон светлината што изгрева над тебе“ (Ис 60: 3), овие мудреци се поистоветуваат со тројцата цареви, кои се согледуваат како претставници на сиот многубожечки свет, а прв пат нивните имиња Каспар, Балтазар и Мелхиор се споменуваат во грчки ракопис, за кој се верува дека е напишан околу 500 година (VI век) во Александрија, а потоа

преведен на латински со наслов Excerpta Latina Barbari. Според толкувањата на западната црковна традиција Балтазар се претставува како крал на Арабија, Мелхиор како крал на Персија, а Каспар како крал на Индија. Во Еевангелието според Лука читаме: „Но, направете плод достоен за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: ,Наш татко е Авраам!’ Зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраам“ (Лк 3: 8).

Користејќи ја техниката на драмски монолог, раскажувачот е претставен како мудар старец – сведок на историскиот чин, уморен од долгиот пат, потонат во длабоки мисли. Додека му се обраќа на читателот, тој се чини дека е по малку вознемирен и истоштен, како да говори во фрагменти, некаков тек на свеста, можеби поради уморот, можеби поради длабоката старост, потсетувајќи нè на почетниот стих од Елиотовиот „Геронтион“ од поемата Пуста земја, „Еве сум, стар човек во месец сушен“ (Елиот, 2003, стр. 31). Тука нема славење на чудесното патување. Тоа патување било мачно и долготрајно, а патниците биле постојано под искушение дека сè што прават е напразно и залудно.

Во Евангелието читаме:

 

А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето кога царуваше Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа:

,Каде е новоредениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па појдовме да Му се поклониме.’ (Мт 2: 1-2)

***

И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигнаа и се запре одозгора каде што беше Младенецот. А кога ја видоа ѕвездата, тие многу се зарадуваа со голема радост. (Мт 2: 9-10)

 

Во шестото слово, посветено на толкувањето на Евангелието според Матеј, св. Јован Златоуст пишува дека мудреците

 

кога патувале од Палестина [ѕвездата] им се појавила да ги води, но откако тргнале во Ерусалим, таа се сокрила. Потоа, откако го напуштиле Ирод, откако му кажале зошто дошле, и биле на заминување, ѕвездата повторно се појавила. Сето тоа не е како движење на ѕвезда, туку како некаква сила обдарена со совршена мудрост. Оти ѕвездата немала свој определен пат на движење, туку кога тие се придвижувале, и таа се придвижувала, кога тие стоеле, и таа стоела. (Chrysostom, op. cit., стр. 59)

 

Златоуството појаснување нè потсетува на она што е запишано во Исход: „А Господ одеше пред нив, дење како столб од облак, а ноќе во вид на огнен столб, за да им свети; така тие можеа да одат и дење и ноќе“ (2 Мојс 13: 21). „Бог ја отвора вратата“, продолжува св. Јован Златоуст, „пред туѓинци, за да го поучи Својот народ“ (op. cit., стр. 60).

Мудреците доаѓаат од култура во која не се повикуваат на пророци или на ангелски пратеници, па Бог им се јавува во онаа форма која за нив била блиска и позната: во една голема и особено необична ѕвезда за да ги вџаси, „за да ги стаписа големината и убавината на нејзиното појавување, и начинот на нејзиното движење“, појаснува Златоуст (op. cit., стр. 61). Но, ете, овие туѓинци мудреци станале подобри луѓе, оти Бог ги одвратил од нивните обичаи: „И откако на сон примија вест да не се враќаат кај Ирод, по друг пат заминаа за својата земја“ (Мт 2: 12). „Дај му совет на мудриот, и тој ќе биде уште помудар; научи го праведниот, и тој ќе го збогати своето знаење“ (Изреки 9: 9). И поради тоа, мудреците, или „црковните праоотци“, како што ги нарекува Златоуст (op. cit., стр. 72), се израдувале, оти го нашле она што го барале, па така не е безполезно нивното долго патување, нивното долго копнеење по Христа.

Кај поетот Елиот ги читаме почетните стихови од оваа песна:

 

‘Што студ тоа ќе беше,

Токму најлошата годишна доба

За пат, и тоа толку долг пат:

Патиштата урнисани, времето кочан,

Цибрина и јасник зимски.’ (ПМ: 95)

 

Овие први пет стиха, ставени во наводници, непосредно упатуваат на модифициран текст од беседата за Христовото раѓање на Епископот Ланселот Ендруз од 1622 година, првиот најзначаен беседник на реформираната Англиканска црква. Во својата проповед Ендруз (Chapman, 2008) го нагласувал долгото и напорно патување на мудреците до Витлеем, како што и самиот св. Јован Златоуст напиша: „Оти ѕвездата, мислам дека се појавила многу порано. Долго време морале мудреците да поминат на пат“ (op. cit., стр. 70). Во беседата на Ендроуз се вели:

 

Нивното патување ... [било] многу опасно, дури лежеле среде „црните шатори кедарски“, народ на крадци и грло-сечачи; за да преминат преку ридови на ограбувачи, тогаш многу злогласни, злогласни и до ден денес. (cf. Chapman, 2008, стр. 27)

 

Во беседата на Ендруз одѕвонува толкувањето на св. Јован Златоуст, кој во своето житие вели:

 

Пред да го видат младенецот Христос, стравови и опасности и маки ги притискале од сите страни, но по поклонувањето, патот станал мирен и сигурен, и не повеќе ѕвезда, туку ангел ги примил, станувајќи свештеници со чинот на поклонение, оти видовме дека и тие понудиле дарови. (Chrysostom, op. cit., стр. 72-73).

 

Мудрецот-раскажувач, како и самиот поет, тргнува на пат да го пресретне Христа. Тој и неговите сопатници се одлучни да ја следат ѕвездата, тие се претставници на некаква духовна елита од незнабожечкиот свет на Персија. Но, од Евангелието дознаваме дека таа нивна одлучност да Му се поклонат на „новородениот Јудејски Цар“ (Мт 2: 2), упатува на тоа дека тие се полни со вера, но и дека се храбри и дека не му се плашат на Ирод да му речат: „Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па појдовме да Му се поклониме“ (Мт 2: 2). Меѓутоа, овде, кај Елиот, тие се претставени како луѓе со свои слабости, луѓе чие патување е долготрајно, тешко и напорно, не само во физичка, туку и во психичка смисла:


А камилите приштосани, со копита испукани, инаетливи,

Легнати во влажниот снег.

Напати жалевме

За летните палати на падините, за терасите,

За свилените девојки што служеа шербет.

Камиларите пцуеја, незадоволно мрмореа

И бегаа, бараа ракија и жени,

Ноќните огнови ни гаснеа, ноќевме под ведро небо,

Непријателски беа населбите, а градовите нељубезни

Селата нечисти и цените за нас повисоки:

Од тешко потешко ни беше.

Најпосле решивме да патуваме ноќум,

Да спиеме простум,

Гласови во ушите да ни пеат, да ни велат

Како сето тоа е лудо. (ПМ: 95)

 

Т. С. Елиот лично, како и мудрецот-раскажувач, е свесен за тешкиот пат што човек го изодува за да стигне до вистинската вера, до полното совршено знаење и мудрост; дури другите гледаат на мудреците со потсмев, велејќи им дека сè е залудно, како што бил пречекан и Елиот пред своите пријатели и соработници во 1927 година.

Секој патник што тргнал на пат, жали за удобноста на местото свое што го напуштил. Во својата беседа, Ендруз проповедал дека кога мудреците пристигнале во Ерусалим немало кој да ги пречека. Не го нашле местото дури не прашале. За на крај сè добро да се сврши. Можеби биле разочарани што не можеле веднаш да го најдат местото, па чувството на каење, што ги напуштиле своите топли домови и тргнале во непозната земја, се засилува како последица на маките и физичкото страдање што го доживеале на долгиот пат кон нивната дестинација. Човек минува низ физичка и интелектуална стаменост пред да добие пристап кон вистинска духовна епифанија или просветлување. Во евенгелието на апостол Матеј се вели: „Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Мт 11: 30). Ако човек не се откажал од сите свои нешта, бремето на неговиот пат е тешко.

Стиховите „Ноќните огнови ни гаснеа, ноќевме под ведро небо“ нè потсетуваат на стиховите: „зашто Ти си моето прибежиште, крепосен заклон од непријателот“ (Пс 60: 3):

 

Потоа в зори слеговме во долина мека,

Влажна, под снежниот појас, со мирис на расје;

Со поток што ита и воденица што меле мрак,

И три стебла на ниското небо,

И стар бел коњ што бодина по ливадата.

Потоа стасавме до крчма со лоза на влезот,

Пред отворената врата шест раце за сребреници фрлаа зар,

И нозе клоцаа празни мешини вино.

Но немаше никаква вест, та продолживме

И стасавме в самрак, ни миг поскоро,

Местото го најдовме. Сè на сè (може да се рече) добро се сврши. (ПМ: 95)

 

Во овие стихови забележуваме дека тонот се менува, пејзажот се преобразува: долина станува мека со „мирис на расје“, растеж, нов живот. Сликите „долина мека“ и „со поток што ита“ алудираат на неколку места од Библијата. Во Битие читаме: „И, копајќи во долината (Герарска), слугите на Исак најдоа извор со жива вода (1 Мојс 26: 19); кај Исаија читаме: „Ќе отворам реки на врвот од горите и извори среде долини“ (Ис 41: 18) или во проповедањето на св. Јован Крстител, кој проповедајќи покајно крштевање за подготовка на „Господовиот пат“, вели: „секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат и секое тело ќе го види спасението Божјо“ (Лк 3: 4-6).

Во посланието до Тит, св. апосотол Павле порачува: „Старците да бидат трезвени, целомудрени, чисти (воздржливи), здрави во верата, во љубовта, во трпението“ (Тит 2: 2). Мудреците тргнуваат кон своите домови по друг пат, за да го избегнат Ирод. Но, можеби тој стих има и друго, дополнително значење, посочувајќи дека кога човек еднаш го прифатил Христа неговиот живот се движи во друга насока.

Стихот „Воденица што меле мрак“ говори за обновување, за победување и надминување на мракот на гревот; благовестува за „отворање на темницата“ (Ис 61: 1) и говори, светотаински, за крштението. Нè потсетува на еден од атрибутите на Бог Кој е Светлина. Во Псалмите читаме: „зашто во Тебе е изворот на животот; во Твојата светлина ние гледаме светлина“ (Пс 35: 9). Кај апостол Јован читаме за Јован Крстител кој „дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него“ (Јн 1: 7), оти Бог е „вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов“ (Јн 1: 9).

Стихот „И три стебла на ниското небо“, упатуваат на распетието Христово, не толку како некаква негативна слика, туку повеќе како позитивно видување на жртвувањето на Христа за спас на сето човештво. Трите крста ги означуваат крстовите на местото Черепница, каде „Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево“ (Лк 23: 33).

„Бел[иот] коњ што бодина по ливадата“ алудира на стиховите од Откровението:

 

и видов, ете, бел коњ, и на него јавач со лак; и Му беше даден венец, и тој излезе како победник, за да победи. (Откр 6: 2).

***

И го видов небото отворено, и ете, бел коњ и Оној Кој јаваше на него се вика Верен и Вистинит, и Тој праведно суди и војува. (Откр 19: 11)

 

Меѓутоа, белиот коњ кај Елиот е стар, алудирајќи можеби на старата вера која ќе згасне со раѓањето Христово.

Стихот „Потоа стасавме до крчма со лоза на влезот“ упатува на десеттата казна во Исход: „нека ги попрскаат обата довратника и горните прагови на куќата“ (2 Мојс 12: 7) и „А крвта ќе ви биде знак на куќите“ (2 Мојс 12: 13). Виновата лоза упатува на Јовановото евангелие „Јас сум вистинската лоза, Мојот Отец е лозарот“ (Јн 15: 1).

Стихот „Пред отворената врата шест раце за сребреници фрлаа зар“ потсетува на триесетте сребреници на Јуда (Мт 27: 3); но, исто така, упатува на Исусовото распнување кога војниците фрлаат ждрепка (Мт 27: 35) и на стиховите „ги разделија меѓу себе алиштата мои, за облеката моја ждрепка фрлија“ (Пс 21: 18). Мудреците тргнуваат на поклонение пред Месијата, Кого сопствениот народ ќе Го отфрли и распне (Мт 27: 25).

Следниот стих „И нозе клоцаа празни мешини вино“ упатува на параболата за старото и новото: „ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукнат, и виното ќе истече и мемовите ќе пропаднат; туку ново вино с естава во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото“ (Мт 9: 15). Овде мешините за вино се празни, упатувајќи нè на првото Христово чудо на свадбата во Кана: „немаат вино“ (Јн 2: 3).

За стиховите „Но немаше никаква вест, та продолживме/ И стасавме в самрак, ни миг поскоро,/ Местото го најдовме“, да се потсетиме на стиховите во Псалми: „И нека Му се поклонуваат сите цареви; нека Му служат сите народи“ (Пс 71: 11) и на зборовите на Исаија кој вели:

 

Зашто, ете, темнината ќе ја покрие земјата, и мрак – народите; а над тебе [Ерусалиме] ќе  засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе. И народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите – кон светлината што изгрева над тебе. [...] Множество камили ќе те покријат, едногрбни камили од Мидјан и од Ефа; сите тие ќе дојдат од Сева, ќе донесат злато и темјан и ќе ја објавуваат славата Господова. (Ис 60: 2-3, 6)

 

Последниот стих од оваа строфа, „Сè на сè (може да се рече) добро се сврши“, упатува на повеќе извори на значења: дека заветот, сојузот, пророштвото се исполни и дека Божјиот план се оствари; дека покајувајќи се, мудреците ја примија новата вера во Христа и се спасија.

Додека ја читаме оваа песна имаме чувство дека, за раскажувачот, светот е некакво неодредено место, место на премин. Мудреците патуваат од едно раѓање во една смрт, таинственоста на христијанската мисла која учи дека смртта е раѓање преку Христа. На кого му се упатуваат последните стихови: можеби (метафорично) на апостол Матеј, кој го забележува патувањето на мудреците? Или на читателот, кој е повикан да тргне на едно свое лично патување кон верата во Христа:

 

Одамна, се сеќавам, се случи тоа,

И пак истото би го сторил, но запиши го

Ова запиши го

Ова: зар сиот тој пат го минавме за

Раѓање ил’ Смрт? Секако, Раѓање се случи,

Имавме доказ и сомнеж тука нема. Сум видел раѓање и смрт,

Но мислев дека поинакви се; ова Раѓање

Агонија беше за нас, тешка и горка, како Смрт, наша смрт.

Се вративме во земјите наши, во овие Царства,

Но со немир на душата, во старата вера,

Со туѓ народ што сè уште се чипчи за боговите свои.

Добро би ми дошла уште една смрт. (ПМ: 95–96)

 

 

 

Штом еднаш се сретне Христос, човек тргнува на уште едно долго патување. „Не сообразувајте се со овој век“, им порача апостол Павле на Римјаните, „туку преобразете се со возобнување на вашиот ум за да можете да испитувате и осознавате што е волјата Божја; што е добро, благоугодно и совршено“ (Рим 12: 2). И самиот поет го прифаќа тоа, па вели: „Добро би ми дошла уште една смрт“. Смртта е повторно раѓање во нов живот. Зашто Христос е Словото на Животот (Јн 1: 1). Мешањето на старата со новата вера прави немир на душата, оти ете, Мудрецот сега променет од откровението на крајот од своето патување, живее неудобно како човек кој ја примил новата вера меѓу народот од старата вера. Раѓањето што го посведочил мудрецот ја навестува смртта на неговиот стар живот, стар свет. Патувањето не е бесполезно. Напротив, симболично и метафорично, човек кој умира во еден свет, се раѓа во еден друг свет. Даровите на мудреците се дарови на спознание, послушание и љубов.

Стиховите „ова Раѓање/ Агонија беше за нас, тешка и горка, како Смрт, наша смрт“ упатува на зборовите запишани во евангелието според Матеј: „Кој си го чува животот свој, ќе го загуби, а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, ќе го најде“ (Мт 10: 39); кај Филипјаните читаме: „ќе се возвеличи Христос во моето тело – било со живот, било со смрт“ (Фил 1: 20) и „за мене „да се живее“ значи Христос, а „да се умре“ - придобивка“ (Фил 1: 21); „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ (Гал 5: 24) и кај Колосјаните, „да се умре и да се живее во Христа“: „И така, ако вие во Христос умревте за почетоците на светот, тогаш зошто се препирате, како уште да живеете во светот“ (Кол 2: 20). Поетот прави дистинкција во обележувањето на зборовите „Смрт“ и „наша смрт“, упатувајќи на мистичноста на христијанската вера: живот преку смрт, таинственоста на животородниот гроб. „Христијаните се раѓаат повторно во стварниот и вечен живот само преку својата крштевна смрт и погребание во Христа; тие се преродуваат со Христа во крштевниот извор (cf. Рим 6: 3-5)“, пишува отец Флоровски (Florovsky, 1976, стр. 225). „Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре“ (1 Кор 15: 36). Отец Флоровски, појаснувајќи, додава: „Христос мораше да умре, за да му дари вечен живот на сето човештво. Тоа не беше потреба од овој свет. Тоа беше потреба за Љубов Божја, потреба за Божји ред. А ние не успеваме да ја разбереме таа таинственост“ (ibid.).

Џерард Менли Хопкинз (Gerard Manley Hokins), еден друг англиски поет, во писмото до својот пријател, англиканскиот свештеник и поет, Роберт Ватсон Диксон (Robert Watson Dixon), напиша:

 

Единствениот праведен судија, единствениот праведен книжевен критичар е Христос, кој ги вреднува, Кој е горд, и Кој се восхитува на даровите што Тој Самиот ги подарил, повеќе од кој било човек, повеќе и од тој што го примил тој дар. (Abbott, 1935, стр. 8)

 

Повторувањето на ова важно согледување кај повеќе христијански писатели е мошне поучно. Да се потсетиме и на зборовите на Толкин кој велше дека писателите „создаваат со законот со кои самите се создадени“ (Tolkien, 1988, стр. 99).

Т. С. Елиот, во збирката есеи насловена Белешки кон дефиниција на културата (1949), вели дека на христијанското наследство му должиме многу повеќе од вера:

 

Нашите уметности се развиваа токму во христијанството, токму во христијанството се наоѓаат корените на Законите на Европа. Нашата мисла има значење само во однос на христијанството. Еден модерен поединец, Европеец, може да не верува дека христијанската вера е вистинита, а сепак, што и да каже, создаде или направи извира од наследството на христијанската култура и неговото значење зависи од таа култура. Само христијанска култура може да произведе некој како Волтер или Ниче. Јас не верувам дека европската култура може да го преживее потполното исчезнување на христијанската вера. И во тоа сум убеден, затоа што и самиот сум христијанин, а бев студент по социобиологија. Ако си замине христијанството, си заминува и реалноста на нашата култура. (стр. 126)

 

Заклучок

„Патување на мудреците“ претставува монолог, исповед на еден човек кој го направил својот избор – ја зацврстил својата вера во Спасителот. Тој се задоволува со препуштањето на една „друга смрт“, која ќе го избави од светот на старите желби и богови, светот на „свилените девојки“. Раѓањето, што истовремено претставува и Смрт, му нуди нова надеж за новиот живот, но исто така му ја открива безнадежноста на неговиот претходен живот. Тој не е толку радосен сега, колку што е смирен и обземен во негацијата на своето претходно постоење од кое сè уште физички не е потполно ослободен.

Овој книжевник успеа да ги исполни советите на Христа: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од својата ризница ново и старо“ (Мт 13: 52). На одреден начин, Елиот, како поет и книжевник, со својата песна „Патување на мудреците“ го возобнови традиционалното поимање на библискиот текст.

Св. Јован Златоуст нè повикува: „да појдеме и ние да ги следиме мудреците, да се одделиме од варварските обичаи, и така далечината да ја направиме толку голема, што ќе можеме да го видиме Христа, оти и тие, да не беа толку далеку од својата земја, немаше да го видат Него“ (op. cit., стр. 72).

 

 

Користена литература

Библиографија 1: латинични извори

Abbott, C. C. (ed.). (1935). The Correspondence of Gerard Manley Hopkins and Richard Watson Dixon. Oxford: Oxford University Press.

Chapman, R. (ed.). (2008). Before the King’s Majesty: Lancelot Andrews and His Writings. Norwich: Canterbury Press.

Chrysostom, J. (1888). Homilies on the Gospel of St. Matthew. Vol. 10. Ed. P. Shaff. Edinburgh: T & T Clark, Grand Rapids, Michigan: WM. B. Eerdmans Publishing Company.

Eliot, T. S. (1949). Notes towards the Definition of Culture. New York: Harcourt, Brace and Company.

Florovsky, G. (1976). Redemption and Creation. Vol. III. Belmont, Massachusetts: Norland Publishing Company.

Tolkien, J. R. R. (1988). Tree and Leaf. London: Unwin Hyman.

 

Библиографија 2: кирилични извори

Гадамер, Х. Г. (2003). Естетика и херменевтика. (Јасминка Марковска, Прев.). Во Катица Ќулавкова (прир.). Теорија на интертекстуалноста (стр. 29 – 37). Скопје: Култура.

Елиот, Т. С. (2003). Патување на мудреците. Во Т. С. Елиот, Песни (Зоран Анчевски, Прев.) (стр. 95 - 96). Скопје: Магор.

Елиот, Т. С. (2003). Песни. (Зоран Анчевски, Прев.). Скопје: Магор.

Свето Писмо (Библија). (2012). Скопје: Библиско здружение на Република Македонија [Со благослов од Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква].

Share