Вторник, 28 Март 2017

Преглед на актуелни етички прашања поврзани со општеството и со политиката низ призма на христијанските вредности

Ирина Николовска

(дипломиран психолог)

Преглед на актуелни етички прашања поврзани со општеството и со политиката низ призма на христијанските вредности

Загрижувачки е кон какви вредности и стил на живeење водат денешните општествени вредности и политики. Затоа, ни се наметнува потребата да се приближиме до нив за да ги препознаеме и да ги запознаеме нивните позитивни и негативни страни, да откриеме што стои зад нив и како нивното прифаќање или отфрлање влијае на нашиот живот, на нашето суштествување, размислување и градење на нашата личност, за да ги разобличиме.

 

Дваесет и првиот век е сѐ повеќе век на етички прашања и проблеми. Денес многу нешта во политиката и во општеството нѐ провоцираат да даваме морална оцена, критички да разграничуваме, прифаќаме или отфрламе. Расте бројот на  активисти, здруженија, невладини организации кои прокламираат одредени политики и идеали. Сѐ поактуелни се темите за сочувствителност, егалитарно општество во кое не се осудува, се бара инклузија за сите, избегнување на стигматизиција итн. Во целото сценарио се наметнува дека сите вредности, мислења и стилови на живеење се рамноправни. Во тој контекст, се поставува прашањето: Дали навистина сите вредности, мислења и стилови на живеење се рамноправни и дали истите се еднакво здрави и корисни? Денес живееме во свет каде обидот да се создаде хиерархија на вредности се смета за недомократски. Истиот се каменува и се деградира. Науката, под влијание на постмодерната филозофија (стварноста; „нормалното“ е социјална конструкција и во суштина не постои и не може да се спознае), како да остана без процени и насоки за водење здрав и нормален живот. Сѐ помалку му се дава место на критичкото мислење кое поставува граници, односно го разграничува доброто од помалку доброто (Мурџева - Шкариќ, 2008).

 

Загрижуваат и добропланираните дезорганизации на луѓето, особено на младите луѓе, од страна на осмислено организираните активисти во различни здруженија. Меѓу нив познати се примерите на разни „борци за права и идеали“ како: руската панк-рок група „Пуси Риот“; протестантите во Шпанија кои во име на правото за абортус нападнаа група христијани; инцедентот во Рим со упадот на гола жена сред Божикната литургија со натпис на телото „I am God – Јас сум Бог“, со цел да шокира и да привлече внимание во име на феминистичко движење кое се ангажира за подобра положба на жените во општеството итн. Ваквите „движења“ особено се залагаат за своите ставови во областа на сексуалноста, семејните вредности, родовите улоги и слободата на изразување.

 

Ако се обидуваме да направиме анализа и да одговориме на горенаведените прашања, тогаш да се повикаме на основата со која определуваме што е здраво, што е корисно, што е „нормално“. Во овој случај неизбежно е прашањето дали нештото (вредноста, ставот, животниот стил) води кон развој или не? - Развојот како фундаментален елемент во определбата на здравото, вредното и корисното.

 

 

Науката определува дека развојот е процес и промени кои водат кон повисоки стадиуми, подобра рамнотежа и поголема стабилност и ефикасност; зголемување на хармонијата меѓу единката и средината; и пораст на чувството за својата индивидуалност. Во таа насока, можеме да кажеме дека е лесно да се заклучи дека преминот од лазење во одење кај детето е процес на развој, но кога станува збор за вредностите, моралниот развој, повисокото јас, духовниот развој и сл., определбата на стадиумите е посложена и како резултат на тоа луѓето може да даваат различни (помалку или повеќе вистинити и корисни) произволни гледишта. Притоа значајно е и дали ние ги прифаќаме гледиштата на оние кои се најгласни, или на оние кои даваат најпрецизни и корисни одговори (на пример, св. Јован Лествичник дава многу јасна и суптилна определба на стадиумите на духовниот развој, кои развојната психологија одвај ги споменува). Како и да е, разликите во нивото на развој постојат, без разлика на нашата умешност или неспособност да ги препознаеме и определиме. Нашата проценка може да биде произволна или објективна, односно точна или погрешна, но принципите и законитостите во развојот и во причинско-последичните односи  во природата (физичка и психичка) остануваат какви што се. Така, ние можеме да кажеме дека сите вредности и стилови на живеење се еднакви и рамноправни, но сепак нивните плодови го покажуваат спротивното. На пример, еден спортист и еден наркозависник имаат различни животни стилови во поглед на здравјето, но последиците од нив се драстично различни. [Подетално за тоа какви се законитостите во развојот и во причинско-последичните односи во природата (физичка, душевна и духовна) и зошто Бог ги определил да бидат такви какви што се, се други прашања кои се наметнуваат, но тоа нема да биде разгледувано во овој текст.]

 

Во однос на поставувањето граница меѓу корисното и некорисното, здравото и болното, доброто и злото, нормалното и ненормалното, и произволноста во нејзиното поставување од различни цели, погоре беа наведени разгледувања поткрепени од науката (поточно од развојната психологија).

 

Кога науката и религијата потврдуваат едно исто, тие ја откриваат и ја потврдуваат вистината, бидејќи вистината е една и истa таа доаѓа од Бог Кој е еден и единствен, совршен и непроменлив. Со внимателно читање и правилно разбирање и толкување, уште повеќе можеме да научиме за оваа тема преку Христовите зборови дадени во Светото писмо. Тие може да ни послужат како патоказ во препознавањето на вистинските вредности, за тоа како да ја градиме својата личност и кои вредности да ни бидат критериуми за тоа како да живееме и како да суштествуваме.

 

Какво дрво, такви плодови (Мт 12, 33; Лк 6, 43-44):

Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овча кожа, а одвнатре се волци грабливци.

По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?

Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошото дрво дава лоши плодови;

не може доброто дрво да дава лоши плодови, а лошото дрво да дава добри плодови.

Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган.

И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“

 

Христос, тука, преку примери ни кажува и нѐ предупредува за лицемерите кои доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се волци грабливци. Односно, однадвор тие покажуваат и/или повикуваат на добри вредности и постапки, а одвнатре во нив е присутно злото кое настојува да нѐ афектира. Христос нѐ учи дека нив можеме да ги препознаеме преку плодовите. Плодовите се делата во животот. Кога некој, пак, има добри плодови, односно добри дела, знаеме дека она што го прикажува не е лицемерно.

 

Истото може да се спореди со примерите во нашиот свет, односно со оние кои во политиката и во општеството повикуваат на вредности кои навидум се прокламираат како позитивни, на пример: еднаквост, прифаќање, недискриминирање и сл., за кога сите вредности ќе се изедначат, да ги прифатиме и инфилтрираме во нас и оние кои не ни носат добро.

 

Преку Светото писмо можеме да дознаеме и како да ја подготвиме нашата личност за да се заштитиме од невистините, злото, лагите и искушенијата во овој свет. Врз што да ја градиме својата личност? Одговорот го наоѓаме во Христовите зборови:

 

Градба на камен или на песок (Лк 6, 47-49):

„И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе го споредам со мудар човек кој си изградил куќа на камен.

И заврна дожд и надојдоа реки и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зошто беше изградена на камен.

А секој човек што ги слуша овие мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок.

И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.“

 

Во овој дел „каменот“ е всушност Христос, а „куќата“ е нашата душа. Ништо не може да нѐ поколеба и собори ако својата душа ја градиме на Божјите заповеди, ниту зло, ниту неправдина, ниту какво било друго искушение.

 

Во еден од најзначајните делови од Светото писмо можеме да најдеме патокази, постулати на кои треба да го градиме нашиот живот, каде се дадени вистинските христијански вредности кои носат добри плодови.

 

Блаженствата (Мат. 5, 3 – 12):

 

„Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небеснo!
Блажени се оние кои плачат, зашто тие ќе се утешат!

Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земајата!
Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат!

Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!

Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!

Блажени е миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!

Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е Царството Небесно!

Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – заради Мене!

Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.“

 

Бедните по дух се всушност оние кои се кротки и смирени. Гладните и жедните за правда се оние кои ги бараат Божествената правда и суд, наместо да судат и осудуваат според себе (Не суди, за да не бидеш и самиот осуден; Со каква мерка ќе мериш, со таква и ќе ти се мери). Чистото срце, пак, е состојба на јасно разбирање на Божествените нешта, состојба на душевена чистотија...

 

Насекаде околу нас и во нас, во науката, во нашата интуиција... можеме да се сретнеме со различни критериуми за најважното – кои вредности да ги живееме, т.е. како да го живееме овој живот. Тие различни критериуми, следејќи ги, може да нѐ одведат во различни правци. Како да живееме, е една тема за која е далеку од разумно дека можеме да ја опфатиме во целост со еден текст, но сепак можеме да дофатиме некои главни сегменти и да препознаеме насоки кои би нѐ воделе кон правиот пат за понатамошно градење на нашата личност и трагање по вистинските вредности. Единствениот Кој може да даде одговор на овие прашања и да ни даде критериуми и вредности е Самиот Тој Кој нѐ создал нас и овој свет, Кој ни го подарил овој живот – Нашиот Бог!  Иако можеби со нашата ограничена (падната) природа не можеме во целост да ги разбереме и осознаеме овие критериуми, сепак нам ни е дадено посредно преку Светото писмо, но и преку искуството на светите Отци на Црквата да ги препознаеме критериумите и вредностите на кои треба да се повикуваме и да ги практикуваме. Ние со нашата слободна волја, од Бога дадена, можеме да ги прифатиме и да ги живееме, или да ги отфрлиме, а со тоа и да ги носиме последиците и плодовите од нашиот избор.

 

 

 

И на самиот крај, а во контекст на Преданието од светите Отци, можеме да ги додадеме и овие боговдахновени зборови на блаженоупокоениот романски старец Јустин Парву, кој нѐ предупредува (поучува): „Порано можело и на полесен начин да се спасиме, да пловиме во плитко, но за времето што нѐ очекува тоа нема да биде доволно. Ако ја немаме вкоренето молитвата во срцето, нема да го издржиме психолошкото гонење кое нѐ опкружува, зашто набрзо ќе дојдат со скриени методи за повторно да го ‘образуваат’ нашиот ум... Ќе дојде времето на голема конфузија и само Светиот Дух ќе може да нѐ спаси“.

 

А архимандритот Георгиј Капсанис, пак, вели: „Живееме во еден свет во кој доминира духот на непријателството кон крстот. Во свет кој за свој идеал го има самољубието, кој е без морал, во кој е најважно да се задоволат страстите, да се живее удобно… Овој свет не сака ништо да чуе за воздржувањето, за господарењето над страстите, за пожртвуваноста, постот, аскезата. Во суштина, го отфрла крстот и затоа не се сретнува со Христос. Останува во распадливоста и смртта, во досадата и празнотијата. Се забавува, но не се радува… Антихристот, како лажен месија и лажен пророк, на луѓето им ветува земјен рај, спас без крстот. Но како може да постои рај без љубов и љубов без самоодрекување? Бунтот против егоизмот е најрадикалниот бунт во светот“.

 

 

Share