Петок, 24 Ноември 2017

Успение на Пресвета Богородица - Матка

1
2
3
4
6
7
10
12
18
19
20
21
23
24
26
28
30
32
34
35
37
38
39
44
46
48
50
51
53
01/29 
start stop bwd fwd




„Манастир Матка“ - Успение на Пресвета Богородица

Пазувите на кањонот Матка кријат во себе една мала Света Гора.

Во тешкопристапната, живописна клисура, укрепени од десницата Божја, опстојувале голем број манастири, монашки скитови и пештери, како што се:

Шишевскиот манастир „Свети Никола“ манастирот „Свети Ѓорги Скоропотстрижник“, (манастирот „Свети Јован Златоуст“-денес непознат), црквата „Свети Спас“, црквата „Свети Архангел Михаил“ – денес „Света Троица“, црквата „Света Недела“, црквата „Свети Атанасиј“, манастирот „Свети Андреј“ и манастирот „Пресвета Богородица-Матка“.Тие спаѓаат меѓу најстарите градби во околината на Скопје, а камените остатоци вградени во некои од манастирските цркви говорат за постоењето на ранохристијанските храмови од 2-6. век. Повеќето од нив се разурнати, но и такви тие сепак сведочат за едно длабоко вкоренето монашко предание, кое низ вековите бледнеело но никогаш не згаснало.

Во 14. век, на левиот брег на реката Треска, на нејзиниот излез од клисурата е подигнат манастирот Матка. Името го добил бидејќи бил централен (матичен) за другите манастири и скитови што се наоѓале во овој дел од клисурата (А.Николовски, Д.Ќорнаков, К.Балабанов).

Се претпоставува дека манастирската црква, посветена на Успение на Пресвета Богородица, е изградена околу 1337 г. од Бојко, син на непозната властелинка Даница, господар на Матка.

Црквата е ѕидана од камен и тула, во форма на стеснет впишан крст, со слепи странични бродови и една осумаголна купола. На куполата има 4 прозорци ориентирани кон четирите страни на светот и се потпира на 4 пиластри, а олтарната апсида однадвор е тристрана. Во самата црковна градба биле вѕидани следните камени елементи од ранохристијански храм (рамковно 6.в.н.е): два двојни прозорски столба од мермер високо во куполниот тамбур; потполно сочуван столб од травертин, всидан во јужниот ѕид; два дела од еден олтарен столбец; дел од олтарен столбец; мал олтарен четирилистен капител вѕидан во северната фасада. (Виктор Лилчиќ)

Во црквата пред олтарот е поставена надгорбна плоча на христијанката Марија, со натпис од 1372 г. напишан на старословенски.

Живописот е од 14. век, фрескописан од ученик на охридската школа. Над влезната врата има натпис во кој стои дека во 1497 г. г-ѓа Милица ја затекнала црквата без покрив, ја покрила, живописала, подигнала припрата и купила лозје за манастирот. Се споменуваат и нејзиниот упокоен сопруг Тошинко и синот Никола, како и тогашниот митрополит г. Атанасиј.

Самиот живопис е поставен во четири сликарски зони: светителски фигури – дадени во цел раст, мачениците во медалјони, композиции од Христовите страдања и Големите празници. Во јужниот дел на олтарот изобразен е ликот на свети Кирил Философ како пандан на свети Климент Охридски, во единствена идејна целост. Свети Климентовиот лик ги поседува карактеристиките на охридската ликовна школа.

Во пространиот манастирски двор покрај црквата има и конаци изградени во 19. век (постоел запис во една од собите од 1852 г.), каде тогашните неимари на најдобар начин ги внеле своите градителски квалитети.

Манастирот Матка има и свој Кодик, кој се наоѓа во Софиската Народна библиотека (во целост е објавен од Славица Николовска). Ракописот во својот основен дел настанал во 60-тите години на 16. век, а во подоцнежните периоди бил постојано надополнуван. За тоа сведочат и најраните записи и летописните забелешки од 1564, 1567, 1572, 1575 г., во кои се споменуваат различните донирања што му ги приложувале на манастирот. Постојат и записи од 17-18. век, кои од првичните се разликуваат според писмото, јазикот и содржината. На кодикот, во неговиот основен дел, работеле тројца пишувачи: јеромонах Евстратиј, монах Никодим и Азариј.

Според записите во кодикот, а и според народното предание присутно меѓу локалното население, во овој манастир, веројатно заради неговата поволна местоположба, имало голем број свештеници и калуѓери, со што духовниот живот во манастирот бил мошне активен. Во него се одвивала и извесна книжевна дејност, постоела манастирска библиотека, чии книги биле користени во неговите рамки, но честопати позајмувани и носени во околните манастири, па и пошироко.

Во 1998 г. манастирот повторно заживува, се возобновува монаштвото во облик на женска обител. Оттогаш во монашкиот конак постои параклис посветен на свети Григориј Палама и свети Наум Охридски.

Во склопот на манастирскиот комплекс во 2002 г. е изграден и праклисот за палење свеќи, при што се проткаени вековните традиции на градење, без да биде нарушеноригиналниот лик на манастирот. И во неговата градба се употребени делови од мермерен олтарен столбец од ранохристијанскиот храм.

Монасите започнаа со везење и шиење свештенички одежди и веќе неколку години се оформува мало самостојно ателје.

Типикот е по углед на Светогорските – аскетско-исихастички, втемелен на Исусовата молитва:Господи Исусе Христе помилуј мe (нè).

Исусовата молитва, интимна и лична, никогаш не го одвојувала поединецот од црковната заедница, туку постојано натприродно го поврзувала со неа, бидејќи Христос, Кого оваа молитва Го бара во човековото срце, Божественото Име што таа го повикува, може да се пронајде во внатрешноста на срцето во толкава мера колку што човекот преку Крштението и Евхаристијата е вкоренет во телото на Црквата. (Свети Григориј Палама)

И уште, да не заборавиме, секој дар преку Неа го добиваме, особено дарот на умносрдечната молитва (непрестајна Исусова молитва во срцето). Нејзиното прекрасно Име со умиление срцата ни ги исполнува – Богородица и Секогашдева Марија.

 

 

 

 

адреса: Ул.2 бр.107 Матка, Сарај, Скопје.

e-mail: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

 

Share